ИСТОРИЈАТ

1948

Основана Националната галерија

1951

Одржана првата изложба

1982

Реновиран Даут-пашин амам

Денес

Над 1600 уметнички дела

Нашата приказна низ годините

Повоените години во Македонија претставуваат пресвртница во уметноста – период на раскин со диктатот на творењето и почеток на вистинска авторска слобода. Тогаш се поставуваат темелите на современиот македонски ликовен израз.

Во 1948 година е основана Уметничката галерија, денес позната како Национална галерија на Македонија, сместена во Даут-пашин амам – објект од 15 век со уникатна архитектура и површина од 900 м². Првата реставрација на амамот е извршена токму во годината на основањето, а втората во периодот 1979–1982.

Од самиот почеток, Галеријата започнала со формирање на богата збирка преку откуп и донации, во што активно учествувале познатите уметници Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски и Борко Лазески, како и историчарот на уметност Димче Коцо.

На 2 Август 1951 година е отворена првата изложба, која опфати дела од македонските зографи, првата генерација ликовни творци, икони, фрески и макети од средновековни цркви. Денес, колекцијата на Националната галерија брои над 1600 дела.

Галеријата има клучна улога во поттикнувањето на современите уметници, обезбедувајќи простор за изложби, дискусии и креативен дијалог, со што се гради културна сцена која го следи светскиот развој на ликовната уметност.

Покрај изложбите, институцијата организира концерти, предавања, камерни претстави и промоции, со што го потврдува своето значење како центар на современата македонска уметност и културен живот. Исто така, Галеријата активно ја зачувува и промовира македонската културна традиција, претставувајќи ја како мост меѓу минатото и современоста.